Конте ги повикува проевропејците да му ја спасат владата

EPA/ROBERTO MONALDO / POOL

Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги повика во понеделникот вечерта „проевропските“ и „либерални“ пратенции да му се придружат и да го спасат мнозинството во коалициската влада по излегувањето на помалиот коалициски партнер и така да го спречат на власт доаѓањето на суверенистичката десница.

Среде здравствената криза со која изминатиот викенд беше оправдано воведувањето нови рестриктивни мерки, коалициската влада која на власт е од септември 2019 година, може да падне по оставката на две министерки и на државниот секретар од партијата Италија Вива, мала партија која ја води центристот Матео Ренци кој беше поранешен челник на главната лева Демократска партија и поранешен премиер од 2014 до 2016 година.

Во настапот во Претставничкиот дом, долниот дом на италијанскиот парламент, каде неговите коалициски партнери Демократската партија (PD) од левиот центар и партијата која го предложи за премиер Движењето пет ѕвезди (М5S), порано евроскептична и антисистемска партија, имаат мнозинство, Џузепе Конте ги бранеше резултатите во неговиот досегашен мандат и го нападна досегашниот сојузник Матео Ренци, истакнувајќи дека со него тешко ќе се состави реконстриурана влада.

Пратениците во текот на вечерта, како што се очекуваше, ѝ изгласаа доверба на владата на Конте во Претставничкиот дом, но нејзиниот вистински испит ќе биде во вторник, кога претседателот на Министерскиот совет ќе дојде во Сенатот на ризичното гласање. Имено, без 18-те сенатори на Италија Вива, неговата влада повеќе го нема мнозинството во горниот дом на италијанскиот парламент.

„Да кажеме отворено: минатото не може да се избрише. Време е да ја свртиме страницата. Оваа земја заслужува единствена влада којашто полно работно време ќе работи за благосостојбата на своите граѓани“, порача Конте од говорницата на која се појави со маска.

Потоа побара „јасна и транспарентна поддршка“ од сите пратеници коишто себеси се „гледаат во темелите на најблагородните европски традиции, либералните, народните и социјалистичките“, индиректно предупредувајќи на доаѓањето на суверенистите на власт.

„Сите на коишто на срцето им е Италија ги повикувам: помогнете ни!“, порача премиерот Џузепе Конте.