Конте потпиша со Наполи до 2027-та

Италијанскиот фудбалски стратег Антонио Конте и официјално стана тренер на Наполи со кој потпиша договор до 2027 година, соопшти во средата клубот од Серија А.

Конте паузираше една година откако ја напушти селекторската позиција во англискиот премиерлигаш Тотенхем. Сега го презема Наполи кој зад себе има лоша сезона во која обидувајќи се да ја одбрани титулата во лигата заврши на 10. место.

„Можам сигурно да ветам едно: ќе дадам сѐ од себе за подем на тимот и клубот. Мојата посветеност, како и посветеноста на мојот тим, ќе биде целосна“, изјави 54-годишниот Конте.

Конте има богато искуство во Серија А каде освои четири шампионски титули како тренер на Интер и Јувентус, додека во Англија ја освои шампионската титула со Челзи.

Поранешниот тренер на Јувентус, Челзи, Интер и селектор на италијанската репрезентација треба во Наполи да зема плата од седум милиони евра, со бонус од милион евра за три години, објави претходно во вторникот Sky Italia.

Конте имаше успешна играчка кариера во Јувентус со кој освои бројни трофеи, а настапуваше и за Лече. Како тренер освои три шампионски титули на Италија со Јувентус, една со Интер и титулата во англискиот шампионат со Челзи.

Наполи минатата сезона смени низ тројца менаџери откако тренерот Лучијано Спалети си замина и ја презема селекторската функцијата во италијанската репрезентација. На негово место дојде Руди Гарсија кој доби отказ по само четири месеци, а по него на клупата седна поранешниот тренер Валтер Маѕари. Но, ниту тој не беше успешен и по три месеца беше заменет со Франческо Калцона.