Изградба на локални патишта, водоводи, канализациони системи, училишта, спортски сали и терени…. се само дел од проектите кои изминатиов период се реализираат во руралните средини во сите општини во државата, со кои значително се подобруваат условите за живот во руралните средини и со кои се задоволуваат основните потреби на жителите и нивните барања за решавање на нивните проблеми.
Овој вид на инвестиции посебно се поздравени од граѓаните во општините со помал годишен буџет, каде со финансиски средства од Владата а со посветена работа од страна на градоначалниците се реализираа голем број на проекти.
Ресен, општината која со години се соочуваше со финансиски проблеми создадени од поранешната локална власт предводена од СДСМ, изминативе години реализираше голем број на проекти за населените места во Преспа, пишува Курир.
Поголем број на локални патни правци се изградени и реконструирани во изминатите 2 години , почнувајчи од локланите патишта во селата Грнчари, Стење, Јанковец – манастир Свети Никола, Подмочани Преспански Крст, Дрмени- Лавци , Грнчари – Манастир Св. Илија, Крани-Арвати , Љубојно – Брајчино. Изградбата на канализационите системи во селата Долна и Горна Бела Црква, во Наколец како и планираните зафати од овој тип во делови на град Ресен и Јанковец се дел од нашиот допринос кон подобрување на условите за живеење во нашата општина, изјави во неделата градоначалникот Ѓоко Стрезовски.
А со овој вид на инвестиции, покрај инвестициите во туризмот во Преспа, се продолжува и во наредниот период, најави при посетата во Ресен, премиерот Груевски.
Во тек е и втората фаза од реконструкција на локалниот патен правец од клучката Макази – Маркова Нога до излезот на село Љубојно кон село Брајчино. Во тек е и реконструкција на патот од клучка Макази – Маркова Нога кон Крани и Арвати. Во завршна фаза на изградба е и локалниот патен правец од село Грнчари до манастирот Свети Илија. Преку Јавното Претпријатие за државни патишта ќе извршиме комплетно осветлување на сообраќајните клучки Претор-Асамати-Курбиново и клучката Наколец-Долно Дупени-Љубојно. Оваа година ќе започне и комплетна реконструкција на водоводниот систем Ресен – Јанковец, проект вреден околу 600.000 евра и од големо значење за регионот, изјави премиерот Груевски при посетата на Ресен.
Инвестициите од овој вид се забележителни и во демирхисарските села, каде изминативе години Владата и општината реализираа проекти во голем број на рурални средини.
Го направивме Водоводот во Стругово, го направивме патот од Суводол до манастирот Пресвета Богородица, го направивме локалниот пат Стругово-Загориче, минатата година го направивме патот за село Брезово, минатата година го направивме и патот од Радово до Манастир Св.Атанасиј во село Сопотница, кон крајот на изминатата година извршивме и реконструкција на неколку улици во село Слоештица, пред две недели заврши реконструкцијата на регионалниот пат од Демир Хисар за Бучим преку селата Бараково, Единаковци и Света, го направивме повеќенаменското игралиште во рамки на училиштето “Гоце Делчев“, изјави Груевски во Демир Хисар.
Слична е и состојбата во населените места во општина Дебарца. При отпочнувањето на изградбата на колекторот за отпадни води со кој ќе се поврзат селата Горенци,Требеништа,Волино и Мешеишта, градоначалникот Игор Трајковски ги потенцираше и дел од веќе реализираните проекти во населените места во оваа општина изминатиов период.
Реконструкција на мини фудбалски игралишта (Волино,Ботун,Горенци и изградба на ново во с.Оровник), го реконструиравме игралиштето за голем фудбал во с.Злести. Асфалтирани беа улици низ повејќето села, се асфалтира патот до с.Сливово.Реновирано е училиштето во с.Требеништа и изградено е ново монтажно училиште во с.Волино.Изградена е нова Балон сала во Требеништа.Реновиран е културниот дом во с.Мешеишта, изјави градоначалникот на општина Дебарца Игор Трајковски, кој најави и дека во завршна фаза е одобрување на проектите за изградба на канализационите мрежи во с.Лешани и с.Велмеј со пречистителна станица во с.Грко Поле.
Согласно најавите од претставниците од Владините институции и локалните самоуправи реализацијата на овој вид проекти ќе продолжи и во идниот период, од причина што истите претставуваат подобрување на квалитетот за живот во руралните средини и излегување во пресрет на потребите и барањата од граѓаните.