Британската полиција изврши контролирана експлозија во близина на американската амбасада во јужен Лондон, откако откри сомнителен пакет, соопштија властите во петокот а пренесува Reuters.
„Можеме да потврдиме дека ‘гласниот тресок’ слушнат во областа пред кратко време беше контролирана експлозија извршена од полицајци. Истрагата сè уште е во тек, а кордоните (полицискиот безбедносен периметар) засега ќе останат на местото“, соопшти лондонската Метрополитен полиција на X.
Полициските сили во претходното соопштение соопштија дека истражуваат сомнителен пакет во областа блиску до јужниот брег на реката Темза, додавајќи дека биле запознаени со шпекулациите за инцидентот на интернет. Не се дадени други поединости.
САД ја преместија својата амбасада од Мејфер, во централен Лондон, на 12-катен наменски стаклен објект во областа Најн Елмс во 2018 година, делумно од безбедносни причини, пишува Reuters.
Во поранешната индустриска област сега се сместени десетици луксузни станбени згради заедно со електричната станица Батерси, зграда од ерата на 1930-те, препознатлива по црвените тули и белите оџаци, која е повторно развиена како трговски и туристички центар.