Штрајкот на контролорите на летање при М-НАВ кој беше најавен за 25 декември и 1 јануари, е откажан, соопшти по денешниот состанок претседателот на Синдикатот на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски.
„Видовме дека со нашите активности доведуваме до тоа изборот на неопходниот оперативен кадар да биде пролонгиран и да не може да се изврши доколку продолжиме да инсистираме на тие 10 работни денови за конкурсот. И понатаму стоиме на тоа дека треба да отпаднат тие двајца несуштински кандидати за вработување. Имавме опција или целосно да се откажат сите вработувања или да прифатиме, односно да ги ‘проголтаме’ кнедлите за оваа неисправност од страна на директорите кои веројатно оделе на таа карта намерно да играат за да немаме големи шанси за маневрирање“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Синдикатот на контролори на летање.
Тасевски посочи дека Синдикатот ќе го следи конкурсот и ќе ги набљудува постапките на селекција на кандидатите, за, како што вели, да се види дали ќе има нерегуларностии неправилности во тој дел.
„Доколку кандидатите коишто ќе бидат примени за несуштинските работни места се потврди дека се тие за коишто се сомневаме дека заради нив се наместени конкурсите, тогаш само ќе биде потврда дека директорите ја лажеле и изманипулирале јавноста за да можат на некој начин тие две лица ги протнат“, додава Тасевски.