Или ќе бидат разрешени директорите на М-НАВ, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје. Од оставките или од разрешувањето зависи натамошниот тек на настаните во Контролата на летање. Ако не бидат разрешени директорите, синдикатот порачува дека нема друга опција, освен да се затвори небото над Скопје од среда (10 јануари), пред сè заради безбедноста на патниците.
„Се надеваме дека ќе има разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно синдикатот ќе го затвори небото над Скопје од среда, пред сѐ заради безбедноста на патниците“, вели Александар Тасевски претседател на Контролата за летање.
Синдикатот се спротивстави на последниот оглас за вработување. По тоа следеше упад и физички напад во Контролата на летање. Незадоволството трае веќе подолго време, а синдикатот во повеќе наврати алармираше дека се вработува партиски, наместо стручен кадар, поради што се бараше сериозна реформа во службата и подобрување на условите за работа.
Тасевски во саботата изјави декја Контролата на летање е институција којашто е од државно безбедносен карактер и во нормални земји, упадот во Контрола за летање би се сметал веројатно за тероризам.
„Не станува збор само дека ние одговараме за безбедноста на воздухопловите коишто се од комерцијални цели како патничките авиони. Ние сме служба која ги контролира, односно помага во воздушниот сообраќај на воздухопловите што се на министерството за внатрешни работи на војската“, објасни Тасевски.