„Не е фирмата на мое име, нема судир на интереси со тендерите, јас не ги гласам тие тендери. Е.. си мајката, п… ти м….. Немој повеќе да ми звониш, што ти треба да си барате во Општина. Ова да ти е последно што ѕвониш“.
Ова се зборови на контроверзниот охридски функционер и бизнисмен Нефи Усеини употребени во телефонски разговор со новинарка на Телма.
Телевизијата се обидува да добие изјава за бизнисите на Усеини но тој вебално ги напаѓа новинарите на Телма им се заканува.
Нефи Усеини е познат по своите физички пресметки со охриѓани, а Судот неодамна го ослободи од обвинение за напад на едно лице насреде Охрид, со образложение дека не може да се докаже вината.
Охридското обвинителство води постапка и за две дивоградби на бизнисменот Нефи Усеини, објави Телма.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро ги осудуваат навредите и пцостите на советникот во општина Охрид, Нефи Усеини кој денеска ги упати кон колешката, дописничка за ТЕЛМА од Охрид, Емилија Мисирлиевски.
– ЗНМ и ССНМ алармираат дека ваков однос од советниците во локалната власт, кои се избрани и платени од страна на граѓаните, кон новинарите и медиумските работници е недозволив. Потсетуваме дека избраните функционери, како што впрочем се и советниците, имаат обврска за професионален однос кон новинарите и медиумските работници и да даваат отчет за својата работа. Лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос е и директна закана за безбедноста на новинарите, целата професија, што може да води кон самоцензура. Ваквиот однос е и удар на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес – се вели во реакцијата на здруженијата.