Копола работи на нова верзија на „Кум 3“

Славниот американски режисер Френсис Форд Копола објави дека работи на нова верзија на третото продолжение од култниот еп за мафијашкото семејство Корлеоне, за којашто смета дека ќе биде „посоодветен заклучок“ на трилогијата.

Како што пренесува порталот Deadline, преработената верзија ќе го носи насловот „Кумот на Марио Пузо, Код: Смртта на Мајкл Корлеоне“ (Mario Puzo’s The Godfather, Coda: The Death of Michael Corleone).

Самиот Копола, кој долго време сакал да го преработи третиот дел, објаснува дека оваа верзија повеќе му се допаѓа и повеќе одговара на визијата на Марио Пузо. „Кум 3“ беше премиерно прикажан во 1990 година, кога писателот беше сѐ уште жив а снимен е по негово сценарио.

„За оваа верзија на финалето направив нов почеток и крај, преуредив некои сцени, кадри и ленти. Со ваквите измени и по реставрирањето на видеото и звукот оваа верзија ми се чини како оптимално завршување на ‘Кум’ и ‘Кум 2’“, појаснува режисерот искажувајќи благодарност кон студиото „Paramount“ кое му овозможило да го преобјави филмот.

Последниот дел од трилогијата своеврмено наиде на воздржани реакции од публиката и критичарите, за разлика од првите два кои се сметаат за едни од најдобрите остварувања во историјата на американската кинематографија. И покрај тоа, „Кум 3“ имаше седум номинации за Оскар, вклучителни и во категориите најдобар филм и најдобра режија.

Новиот „Кум 3“ треба да се појави во ограничена едиција во декември, на 30-годишнината од прикажувањето на претходната верзија, а потоа ќе може да се погледа на дигиталните платформи.