Гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ освои награда за најдобро видео на европскиот натпревар за општествено одговорни претприемачи.
На он-лајн натпреварот одржан завчера, 12 општествено одговорни претпријатија раководени од млади на возраст од 15-18 години од 12 европски земји ги претставија своите бизнис планови пред меѓународното жири. Во натпреварот беа вклучени 261 општествено одговорни претпријатија од кои меѓународното жири ги селектираше 12-те најдобри. Тимот “Визија” од Гимназијата “Раде Јовчевски Корчагин”, под менторство на наставникот Лидија Стојчева ја освои една од трите предвидени награди за најдобро видео и освоија парична награда од 100 евра.
„Беше големо задоволство да се види ентузијазмот, креативноста и претприемачкиот дух на младите од цела Европа во текот на натпреварот. Научивме дека учеството во таква програма може да биде важна отскочна даска за младите и да ја подигне нивната свест за создавање на позитивни општествени промени. Нашата генерација има моќ и намера да го направи светот подобро место за живеење“, изјавија членовите на тимот, Борјан Стојчев и Стефан Тасевски.