Користејќи безбол палка украл 600 евра од поштата во Прилеп

На 13 декември 2018 година во претпладневните часови 35-годишно лице со намера противправно да присвои туѓи подвижни предмети, со употреба на сила и опасно орудие – безбол палка, одзело 35.460 денари од пошта во сопственост на АД „Македонска Пошта” во државна сопственост – подружница Прилеп.

Како што информира Јавното обвинителство на РМ, осомничениот маскиран со качулка на главата влегол во поштата и држејќи во рацете дрвена безбол палка му се заканил на вработениот-оштетениот дека непосредно ќе нападне врз неговиот живот и тело, па подавајќи му хартиена кеса му рекол да му ги предаде парите што биле во касата.

– Потоа осомниченото лице со безбол палката го скршил шалтерското стакло кое се распрскало на парчиња и едно од стаклените парчиња удрило во лицето и десното око на оштетениот, со умисла нанесувајќи му тешка телесна повреда, со што го сторил кривично дело разбојништво. Надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување  мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп, по кој предлог судијата на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор во траење до 30 дена, истакнуваат од обвинителството.