Корона кризата ќе удри по сиромашните. Затворените капацитети, намалениот обем на работа и растот на отпуштањата, ќе го зголемат бројот на лица кои едвај сврзуваат крај со крај, предупредија Обединетите нации во најновиот извештај. Ако пандемијата до крајот на годината остане на исто ниво, во светот дополнителни 71 милион луѓе ќе живеат во екстремна сиромашија, односно со помалку од 2 долари на ден. Кај нас, според официјалните бројки од 2018-та година, 455 илјади лица или 22% од граѓаните живеат на прагот на сиромаштија, со помалку од 100 денари дневно.
– Корона кризата ќе ј намали стапката на раст на економијата, што негативно ќе се одрази и врз сиромаштијата, а најпогодени ќе бидат ранливите категории граѓани, посебно многудетните семејства. Се очекува пораст на бројот на сиромашни, со оглед дека не се отвараат нови капацитети, а трендот на делење откази не застанува, но во кој обем, зависи колку ќе трае кризата, дали ќе се прелее и наредната година, што е поверојатно сценарио, изјави Благица Петрески, Фајнас Тинк
Според Петерески, владините мерки за субвенционирање на минимална плата спречиле бројот на отпуштени да расте. Според нивните проценки се зачувале дури 72,000 работни места. Но кризата не завршува – потребни се дополнителни мерки, ако буџетот го дозволува тоа.
-Секако дека исплатата на минимална плата треба да продолжи, доколку постојат значајни ризици. Во овој момент првенствено треба да ги реоцениме ефектите од мерката, додава Петрески.
Инаку според податоците на Агенцијата за вработување од март до јуни речиси 19.000 лица останале без работа. Најмногу отпуштања имало во мај – 7.000, додека во јуни отказ им беше поделен на 3.600 лица. Над милион и 200 илјади граѓани пак, не можат да ги задоволат основните животни потреби, кои за 4 члено семејство изнесуваат нешто над 33 илјади денари.