Корона-профитот до плафон, лабораториите лани ги дуплирале приходите

Епидемијата со ковид-19 била голем катализатор за остварување огромни приходи и добивки за приватните лаборатории, пишува финансискиот веб-магазин „Пари“ повикувајќи се на податоците од платформата „Бизнис мрежа“.

Во анализата се опфатени трите приватни лаборатории: „Авицена“, „Биотек“ и „Синлаб“, за кои пишува дека согласно завршните сметки синтетизирани од „Бизнис мрежа“, последните три години бележат постојан тренд на зголемување на вкупните приходи.

„Особено ова доаѓа до израз минатата година кога се остварени нестандардни бројки. Имено, ако вкупните приходи на сите три компании во 2018 година изнесувале 4.2 милиони евра, а во 2019 таквата сума се искачила на ниво од 4.6 милиони евра, за во 2020 година да се генерираат вкупни приходи од 9.8 милиони евра“, пишува во анализата на „Пари“.