Коронавирусот остава лузни на бубрежното ткиво

Досега научниците документираа дека коронавирусот SARS-CoV-2 која ја предизвикува болеста Covid-19 главно ги напаѓа белите дробови, но нова студија укажува дека меѓу последиците од заразата може да биде и оштетување на бубрезите што кај некои пациенти резултира и со трајни последици, покажува студијата објавена во списанието Cell Stem Cell.

Оштетувањето на бубрезите поради последица од заразата настанува кога коронавирусот ги инфицира бубрезите, поради што се создаваат лузни на ткивото, а тоа во истражувањето го докажале научниците од германската клиника „RWTH Uniklinik“ во Ахен и холандските стручњаци од Универзитетскиот медицински центар Радбуд.

Истражувањето на германските и холандските научници покажало дека Covid-19 предизвикува директно оштетување на клетките во бубрезите, продонесувајќи на лузните на ткивото или фиброза на бубрезите. Научниците тврдат дека така оштетеното ткиво во инфицираните бубрези може да укажува на потенцијално оштетување на органот на подолг рок.

За да го проучат влијанието на SARS-Cov-2 врз бубрезите, научниците употребиле ткиво од 62 пациенти кои поради Covid-19 биле згрижени на одделение за интензивна нега. Станувало збор а 61 обдукциски примерок и една биопсија.

Потоа го споредиле ткивото на бубрезите на пациентите со Covid-19 и ткивото на други пациенти кои биле хоспитализирани поради проблемi поврзани со белите дробови кои не биле поврзани со коронавирусната болест и ткивa од група здрави лица. Утврдиле дека бубрежното ткиво на пациентите заболени од Covid-19, имале многу повеќе лузни отколку ткивата кои ги анализирале.

Откако утврдиле дека Covid-19 ги оштетува бубрезите, истражувачите се обиделе да утврдат на кој начин вирусот во тоа успева. За да го истражат тоа, научниците во лабораториски услови одгледале мини бубрези, кои ги нарекле „органоиди“. Тие се развиваат од матични клетки и содржат многу различни клетки од бубрезите, со исклучок на имунолошките клетки.

Потоа органоидите на бубрегот ги инфицирале со жив вирус SARS-CoV-2 за да утврдат каков е директниот ефект на вирусот врз бубрежните клетки, независно од потенцијалните секундарни ефекти предизвикани од имуносните клетки или другите системски ефекти. Откриле и лузни на органоидите на бубрезите и пропратните сигнали коишто „придонесуваат во процесот на создавањето на лузните“.

Нивните сознанија силно укажуваат на тоа дека токму коронавирусот, а не воспаление или која и да е друга системска причина, е одговорен за вооченото оштетувње на бубрезите кај пациентите заболени од Covid-19, истакнуваат научниците. Органоидите на заразените бубрези покажуваат дека вирусот директно предизвикува оштетување на клетките, независно од имунолошкиот систем, заклучуваат.

„Со ова истражување откривме дел од сложувалката која укажува на штетното делување на вирусот врз организмот“, наведува во писмена изјава за медиумите Јицке Јансен, една од научниците кои работеле на студијата.

Заклучено е, исто така, дека настанатите лузни би можеле да имаат долгорочно влијание врз функцијата на бубрезите кај пациентите коишто ја преживеале болеста.

Резултатите од ова истражување покажуваат и на тоа дека неодамнешниот наод од друга голема студија втемелена на податоци од САД, која покажа намалена функција на бубрезите кај повеќе од 90.000 лица коишто прележале Covid-19, би можело да биде последица од директното делување на вирусот SARS-CoV-2 врз бубрезите, кој предизвикува создавање лузни.

Катарина Ример од „RWTH Uniklinik“ истакнува дека фиброзата на бубрезите е сериозна долгорочна последица која може да се случи по каква и да е повреда на бубрегот и е поврзана со функцијата на бубрегот. Додава дека долгорочните истражувања ќе пружат дополнителен увид во патологиите на бубрезите коишто ги предизвикал SARS-CoV-2.