Корпоративна безбедност во Македонија- заштита од сајбер закани, индустриска шпијунажа, откривање на деловна тајна и корпорациски саботажи

Професор д-р Атанас Козарев е претседател на Асоцијација за корпоративна безбедност – Скопје, и во интервју за НетПрес тој детално говори за корпоративната безбедност во Македонија.

*Која е потребата од имплементирање на корпоративната безбедност?

Корпоративната безбедост како концепт, парадигма, но и практичен модел кој е нашироко имплементиран во развиенот деловен свет интензивно се менува под влијание на современите безбедносни ризици и закани.

Во последните две години состојбата во оваа област е изложена на последиците од светската пандемија Ковид -19. Овие динамични движења и процеси беа своевиден тест за постоечките формализирани деловни политики и стратегии за безбедност на корпорациите. Низ оваа перцепција, корпоративната безбедност како современ систем ја зголемува својата вредност и значење, што може да се потврди и со досега изградената институционална корпоративна безбедносна архитектура која ги опфаќа мерките, активностите и целите кои се фокусирани кон комплексот познат како економска безбедност на деловното работење. Имено, нејзините субјекти, односно менаџерите за корпоративна безбедност своето секојдневно дејствување го насочуваат кон сите видливи и латентни ризици и загрозувања со кои се соочуваат денешните деловни ентитети и тоа: сајбер заканите, индустриската шпијунажа, откривање на деловна тајна, корпорациски саботажи итн. Овие закани и ризици се евиденти во динамичното деловно опкружување и на нив се надоврзуваат бројни други влијанија од економска, политичка, правна, дигитална природа.

Затоа се наметнува практичната потреба од конкретна имплементација на корпоративната безбедност која претставува најдобра гаранција за предвидување на идните деловни процеси, намалување на неизвесноста во деловното опкружување и редуцирање на дивергентните ризици за деловното работење. Во услови кога нашата држава се соочи со пандемијата Ковид 19 од една страна и бројните пожари со незапамтени штетни последици, едно од можните решенија за спротивставување на современите ризици и закани за деловното работење претставува целосно имплементирање на моделот на корпоративна безбедност.

*Каква е корпоративната безбедност во Македонија?

Прашањето за корпоративната безбедност во нашата држава може да се објасни на две нивоа: теоретско и практично ниво. Теоретскиот дизајн на корпоративната безбедност кај нас сеуште е во рана фаза од развојот на посебна научна дисциплина која ќе се изучува на додипломски студии, како и на студии на втор и трет циклус. Академската наука, сеуште се „загрева“ во создавање на посебни студиски програми за корпоративна безбедност, така што ретко на факултетите од областа на безбедноста може да се сретне предмет од оваа област. Меѓутоа, со препознавање на актуелноста на корпоративната безбедност на теоретско рамниште почнуваат да се создаваат првите студии на втор циклус и да се продуцираат идните кадри кои врз основа на практичните знаења ќе се вклучуват во практикувањето на овој потсистем на безбедноста. Практичниот дизјан на корпоративната безбедност го следи нивото на теоретскиот развој.

Иако, во нашето поблиску опкружување компаниите ја истакнуваат важноста на безбедноста на деловниот сектор како важен синџир во создавањето на додадена вредност, кај нас во рамките на деловниот свет претставуваат вистинска реткост посебните организациони единици за корпоративна безбедност. Постојат причини за оваа состојба, а како познајачни може да се наведат: постоечкото ниво на безбедносна свест кај сопственицете и стратешките менаџери, кои најчесто за безбедноста на своето работење се грижат самите (тие се плашат оваа професионална надлежност да ја доверат на посебно едуцирани кадри, а некои од нив настојуваат самите да бидат истражители на корпоративниот криминалитет и да се однесуваат како полицајци, што е целосно погрешна стратегија); непрепознавање на содржината на корпоративната безбедност, кои се нејзините контури и бенефити од нивна имплементација; доверување корпоративниот криминалитет да биде истражуван од полицискиот сервис, наместо да се користат услугите на приватните детективи кои посебно имаат надлежности со Законот за кривична постапка од 2010 година; непромислено штедење на финансии за градење на капацитети на корпоративната безбедност итн. Голема заслуга за остварување на целите на Асоцијацијата за корпоративна безбедност има сопственикот на НИКОБ обезбедување, г-дин Кирил Лазаров, лидер во деловниот свет во нашата држава и пошироко, одличен познавач на економските движења во регионот и се разбира човек кој покажа исклучителен сенс за значењето на корпоративната безбедност во неговите компании. Преку директна поддршка на Никоб обезбедување се одржаа бројни меѓународни научни и стручни конференции, семинари, работилници кои придонесоа да почне да се разбира концептот за корпоративна безбедност.

*Што е Асоцијација за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа?

Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје е основана од група ентузијасти од областа на безбедноста, кои во изминатиот период се препознатливи како своевидни протагонисти за развој на корпоративната безбедност во системот на национална безбедност во целина. Целите на Асоцијацијата се утврдени со Статутот и се фокусирани кон: унапредување на концептот на корпоративната безбедност во Република Македонија; јакнење на професионалната одговорност, интегритет и дигнитет на менаџерите на корпоративната безбедност; промоција на корпоративните безбедносни функции и заштита на човековите слободи и права; инклузија на дипломираните детективи, криминалисти и студентите на универзитетите каде што се изучува теоретски корпоративната безбедност, преку нивно информирање, спроведување на практична настава и обука за нивно вклучување во практичното функционирање на корпоративната безбедност во нашата држава.

Развиваме повеќе стратешки точки со цел на граѓаните, институциите и деловните ентитети со цел да ги разберат придобивките од овој концепт на безбедност и тоа низ креирање на јавни политики кои имаат за цел  преку разни обуки, семинари, работилници да ја објасниме суштината и додадената вредност на корпоративната безбедност (www.korporativnabezbednost.mk). Од големо значење за нас е основањето на Асоцијацијата за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа – SEECSA  со седиште во Загреб во 2019 година. Имено, во рамките на годишната конференција на Хрватската удруга на менањери за корпоративна безбедност со која претседаваше м-р Ален Остојиќ, а во присуство на проф. д-р Денис Чалета од Институтот за корпоративни и варностни студии од Љубљана, прод. д-р Драбан Триван, претседател на Српската асоцијација на менаџери за корпоративна безбедност и делегацијата од Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје беше потпишана декларација за основање на SEECSA, со ротирање на претседателот, така што во 2022 година ние ќе го превземе претседателството со мандат од една година. Водечка цел на SEECSA е  да им овозможи усовршување на менаџерите за сигурност преку интерната академија  Business Security Academy, размена на информации за трендовите на криминал и технологиите и алатките за борба против него, за да се обезбеди поголема сигурност за деловната заедница на Југоисточна Европа.

*Може ли да дадете опис на досегашните активности на Асоцијацијата за корпративна безбедност – Скопје?

Од основањето на Асоцијацијата за корпоративна безбедност до денес реализирани се годишни конференции, семинари, обуки, а во време на ковид -19 и неколку вебинари, при што како позначајни може да се наведат следните: меѓународна научна конференција: „Форензичката дејност и приватното обезбедување во услови на пандемија Ковид 19 – состојби и предизвици“, во соработка со Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, 28.06.2021; работилница: Современи трендови во медијацијата и предизвици за регионална соработка во земјите од Западен Балкан, 19.02.2021 година; меѓународна научна и стручна конференција на тема “Локалната безбедност во контекст на современите безбедносни ризици и закани”, поддршка на Националната секција на ИПА Македонија и Истражувачкиот центар за безбедност, одбрана и мир-Скопје, 16/17.10.2020 година; научно-стручен симпозиум: Предлог законски измени на Законот за вештачење, во соработка со Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија и Здружението на јавни обвинители на РСМ, 17.09.2020 година; научно-стручно советување на тема: “Употреба на полиграфското испитување – актуелни проблеми и предизвици за полицијата, јавното обвинителство, судот, адвокатурата и корпоративната заедницаˮ, во соработка со Здружението на јавни обвинители и Националната агенцијата за приватно обезбедување Никоб – Скопје, 2019 година и други.

Посебно место во активностите на Асоцијацијата имаат потпишаните меморандуми за соработка со јавни институции, локална самоуправа и деловната заедница и реализација на проекти од национален и интернационален карактер.

*Каква е иднината на корпоративната безбедност во Македонија?

Трендовите во развоојот на корпоративната безбедност се детерминирани од развојната динамика и случувања во областа на националната, регионалната и глобалната безбедност. Секако, како посебен концепт, корпоративната безбедност заслужува да го завземе реалното место во системот на безбедност и да го достигне нивото на развој, (теоретско и апликативно) кое постои во регионот и пошироко. Иднината на корпоративната безбедност кај нас очекува да се движи во насока на подигнување на свеста за нејзината потреба во деловното работење, оправданоста од воведување на позицијата – менаџер за корпоративна безбедност и реализација на истражувачки проекти од страна на академската заедница во оваа област.

Бидејќи пандемијата Ковид – 10 има огромно влијание врз деловното работење, неспорно е дека неопходноста од вистинско имплементирање на корпоративната безбедност е повеќе од евидентна. Дотолку повеќе што ова негативно влијание може да има последици и врз самата корпоративна безбедност. Остварувањето на здравствената безбедност односно гарантирањето на здравјето вработените кое има огромно влијание врз економскиот интерес на поединците и деловните субјекти претставува задолжителен императив во деловниот свет. Криминалците од областа на корпоративниот криминалитет покажуваат лесна адаптабилност и флексибилност  на новите услови и затоа во борбата против овој криминалитет  корпоративната безбедност е неминовност во сегашниоот миг, но и во иднината која е пред нас.