Корупцијата со разорувачко и животно загрижувачко дејство

Во изминатите седум дена, на 3-ти  и на 11-ти декември, беа објавени две вести кои не не оставаат рамнодушни: Македонските средношколци се најлоши од сите во регионот и Македонија е на дното по квалитет на живот во регионот. На 82-ро место на листата на која Србија е на 63-то место, Албанија на 69-то Босна и Херцеговина на 75-то место, а овие состојби се резултат од ендемската и системска корупција која има разорувачко и животно загрижувачко дејство од повеќе аспект.

Ова го изјави Слаѓана Тасева на Конференцијата по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

„Корупцијата прави да имаме лошо образование, лошо здравство, најзагаден воздух, лошо судство, Собрание кое се грижи само за интересите и потребите на партиите, трошење на парите од Буџетот без контрола, празни иснтитуции за ревизија и контрола, лоша и партиски контролирана економија, банкарски сектор кој не ги почитува правилата за банкарско работење,нема и невидлива Народна Банка, јавно обвинителство кое нема капацитет за да исполни својата законска улога, недостаток на владеење на правото“, продолжи Тасева.

Предупреди дека цената на корупцијата во Македонија е голема а ја плаќаат сите граѓаните, коишто, како што посочи Тасеа, сѐ уште не се иселиле и решиле да останат својата иднина да ја градат „на ова парче од земјината топка кое многумина го нарекуваат црна дупка или сега во поново време, заробена држава“.

„Во заробена држава полека се распламтува желбата и потребата за правда и создавање на општество без корупција. Се погласни се барањата на граѓаните да се стави крај на корупцијата, а корумпираните да одговараат за своите дела. Посебно ова е резултат на состојбите со Специјалното јавно обвинителство и недостатокот од политичка волја за реформи во судството и за донесување на законот за јавното обвинителство“, додаде Тасева.

Забележа дека на граѓаните сз повеќе им пречат самоволијата на судиите кои носат одлуки без образложение и без докази, на судството кое таквите одлуки ги допушта и со тоа се создаваат многу неправди, а во глобални рамки се и натаму се губат сите вредности на кои треба да се засновува едно општество.

Тасева, исто така, порача дека Транспаренси Интернешнел Македонија и членките на Платформата за борба против корупцијата бараат решителност во борбата против корупцијата.