Кошаркарите избегнаа целосен дебакл во Приштина

Фото: ekipa.mk

Македонската кошаркарска репрезентација по несфатливо лошата игра во првото полувреме доживеа пораз на стартот од предквалификациите за Светското првенство 2019 година со 68:72 (11:23, 9:17, 23:15, 25:175) на гости кај селекцијата на Косово.

Македонските кошаркари одиграа многу лошо во сите елементи па во еден период Косово имаше предност од 22 поени, што на крајот и покрај тоа што гостите ја поправија играта, ја забележа својата историска прва победа како репрезентација.

Македонските кошаркари мечот го почнаа нервозно во нападот, па во првите две минути не реализираа ниту еднаш. Потоа во ритам влезе Џордан Теодор, кој набрзина нанижа шест поени и една асистенција, за намалување на водството на противникот на 8:9. Сепак, потоа повторно дојде до мала криза во офанзивата и гибење на топките под двата обрача, па откако противникот поведе со 8:15 селекторот Давитков побара тајмаут. Сепак, продолжија грешките на нашиот тим, па следеше серија од 10:0 на Косово со што првата четвртина домаќините ја решија во своја полза со иверлива разлика 23:11.

Расположениот Дардан Бериша, кому се чини му беше оставен и преголем простор, беше предводник на косовската селекција и во втората четвртина која умешно ги користеше сите грешки на македонските кошаркари кои на полувремето имаа двојно помалку постигнати кошеви од противникот (20-40).

На почетокот од второто полувреме во игра влезе и Кире Николовски, нападот почна да функционира, па набрзина беше намалено водството на домашните на 34:45, по одличната серија на капитенот Војдан Стојановски. Неговата серија донесе поголема самодоверба кај македонските играчи кои почнаа со добро парирање во одбраната да ги оневозможуваат косовските лесно да доаѓаат до позиции за поентирање. Во еден момент беше намалена двоцифрената преднсот на домаќинот (43:52), но по „тројката“ на Бериша, сепак, третиот период заврши со солидна предност на Косово (43:55).

Во последната четвртина од натпреварот Косово рутински ја одржуваше предноста а во еден момент се одлепија на „плус“ 14 поени. Следеше триминутна серија на Македонија и на две минути пред крајот со „тројката“ на Џордан Теодор Македонија намали на само 61:66. Но веќе во следниот напад на Бериша му беше овозможено лесно положување со дополнително слободно фрлање, по што Косово повторно побегна на комотни 61:69 на 70 секунди до крајот. Теодор во следните два напада одигра симултанка со брзи четири поени, а потоа по неговиот пробив слободен остана Тасовски, кој погоди тројка намалувајќи на 68:70 на 27 секунди до крајот. Следеше тактичка лична грешка на Тасовски , по која Бекај беше двапати прецизен од слободни фрлања, решавајќи ги дилемите околу победникот, за конечните 68:72.

Џордан Теодор со 22 поени беше прв стрелец кај Македонија, капитенот Стојановски постигна 17 поени, а најдобар поединец на натпреварот беше домашниот капитен Бериша со 28 постигнати поени.

Веќе во сабота македонските кошаркари ќе мора да го поправат впечатокот на првиот меч пред своја публика од овој претквалификациски циклус, против селекцијата на Естонија.