Кошарка: Светскиот вицешампион Аргентинa остана без настап на Мундијалот

Актуелниот светски кошаркарски вицешампион Аргентина ќе го пропушти годинешното Светско првенство кое од 25-ти август до 10-ти септември ќе се одржи на Филипините, Јапонија и Индонезија, откако во последното квалификациско коло на домашен терен загуби од Доминиканска Република со 75:79.

Аргентинците водеа со 61:44 на 12 минути пред крајот на мечот игран во Мар дел Плата, но им дозволија на Доминиканците да направат неверојатно враќање.

Жан Монтеро ја предводеше Доминиканската Република со 22 коша, додека 27 поени на Габриел Деко не беа доволни за Аргентина.

Така, Аргентина ќе го пропушти првото Светско првенство првпат по 1982 година.

Покрај Доминиканската Република, на кошаркарскиот Мундијал од групата А од американските квалификации се пласираа и Канада и Венецуела, а од групата Б – Бразил, САД, Порторико и Мексико.

Сега се познати 31 од 32-те репрезентации кои ќе играат на Мундијалот. Покрај домашните селекции на Јапонија и Филипини и Нов Зеланд, ќе настапат и Австралија, Кина, Јордан, Иран и Либан од ткн група Австралазија, Брегот на Слоновата Коска, Јужен Судан, Египет, Ангола и Зелено’ртски Острови од Африка и Финска, Германија, Латвија, Италија, Шпанија, Словенија, Литванија, Франција, Грција, Грузија и Црна Гора од Европа.

Белгија и Србија се кандидати за последното 32-ро место, а кој ќе го освои местото ќе се знае подоцна во понеделник по средбата од последното коло во Групата И од европските квалификации. На Белгија ѝ е потребна домашна победа против Турција за да се пласира, додека Србија треба да ја победи Велика Британија и да се надева на пораз од Белгија.