Кошаркарката Грајнер префрлена во казнена колонија во Русија

Американската кошаркарка Бритни Грајнер е префрлена во казнена колонија во Русија, соопшти денеска нејзиниот адвокатски тим. Рускиот суд минатиот месец ја одби нејзината жалба против деветгодишната казна за поседување дрога.

„Бритни беше префрлена од притворот во Икша на 4 ноември. Таа сега е на пат кон казнената колонија. Немаме никакви информации за нејзината точна моментална локација или нејзината крајна дестинација“, се вели во соопштението на нејзиниот правен тим.

Прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека „секоја минута што Бритни Грајнер треба да ја издржи во нелегален притвор во Русија е предолга минута“, пренесува Танјуг.

Двократната освојувачка на златни олимписки медали беше уапсена на 17 февруари на московскиот аеродром бидејќи во багажот имала масло од канабис, што е забрането во Русија, а на 4 август беше осудена на девет години затвор.