Косовската влада го усвои предлогот за нова косовска војска. Шефот на косовската дипломатија Енвер Хоџај ја соопшти одлуката на Владата, порачувајќи дека со тоа се отвора патот за интеграција на Косово во НАТО.
„Ова покажува дека Косово од увозник на безбедност стана безбедна земја и извозник на безбедност“, порача Хоџај преку својот профил на Твитер.
Косовските медиуми пренесуваат дека на вчерашната седница на Владата во Приштина исто така е донесена одлука за преименување на досегашното министерство за безбедносни сили во министерство за одбрана. Според премиерот Хашим Тачи, идната косовска војска ќе има 5.000 активни војници, како и три илјади резервисти. Тој истакна дека одлуката на косовската влада е во интерес на земјите од целиот регион. Тачи додал дека формирањето косовска армија е доббра одлука за целиот регион, за сите земји без исклучок .
Од друга страна, српскиот премиер Ивица Дачиќ истакна дека најавеното формирање косовска војска не е дел од договорот од Брисел.
Според Дачиќ, Србија побарала гаранции од НАТО ако некогаш се формира косовска војска, таа да не смее да се распореди на северно Косово без дозвола на КФОР, пренесува Б92.