Косово го одби барањето на Србија за доставување информации за случајот Бањска

Министерството за правда на Косово соопшти вечерва дека барањето на Србија да и се достават информации за нападот од септември минатата година во Бањска кај Звечани во северно Косово, е спротивно на неколку точки од Законот за меѓународна правна соработка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што објави Радио слободна Европа (РСЕ), Министерството за правда соопшти дека врз основа на косовските закони, само судските органи во Косово имаат надлежност да судат случаи за кои се претендира дека се извршени на територијата на земјата.

На 24 септември минатата година, српска вооружена група ја нападна косовската полиција во Бањска, при што беше убиен службеникот на косовската полиција Африм Буњак, а во размената на оган што уследи загинаа и тројца од групата српски напаѓачи.

Одговорноста за нападот – кој Косово го смета за терористички – ја презеде поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, за кого сега се верува дека е засолнет во Србија.

Истрагата за овој случај во Косово ја спроведува Специјалното обвинителство, а извори на РСЕ од оваа институција велат дека се очекува до есен да биде покренато обвинение за случајот Бањска.

Истраги за случајот спроведува и Вишото обвинителство во Белград, кое побарало информации од Приштина за случувањата во Бањска, преку Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.

Канцеларијата на Европската унија во Приштина пред неколку недели потврди за РСЕ дека го примила барањето на српските власти и го препратила до косовските власти.

Во денешната реакција на Министерството за правда, се наведува и дека Косово никогаш не добило одговор од Србија во врска со барањето од октомври минатата година, „за предавање на криминалците за да можат да бидат изведени пред лицето на правдата во Република Косово“.

Министерството повика на меѓународна истрага за, како што тврди, „базите за обука на терористи на територијата на Србија и вмешаноста на Србија во финансирањето и снабдувањето со оружје на терористите“.

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, во интервју за РСЕ на 14 август изјави дека Косово може да помогне Радоичиќ да биде одговорен за кривичното дело.

„Колку што знам, српските функционери разговарале за ова, поднеле официјално барање преку официјални канали за меѓусебна правна помош, да им се достават доказите што им се потребни за да го гонат г. Радоичиќ, а кои го имаат косовските власти. Повторно, на политичка основа, би се надевал дека Владата на Косово ќе одговори на ова барање, бидејќи сакате да се осигурате дека ќе има кривично гонење и дека г. Радоичиќ, како и другите кои беа инволвирани, ќе понесат одговорност за нивното криминално дело“, рече Ховениер.

Меѓународната заедница неколкупати ги повика властите во Србија да ги изнесат пред правдата сите одговорни за овој случај.