Министерството за економија утре ќе се сретне со претставници на мелничката индустрија за да се информира за проблемите со извозот на брашно во Косово, информираат од Министерството откако мелничарите се пожалија дека Косово веќе еден месец го блокира извозот на брашно од земјава.
– Министерството за економија е во комуникација со косовските власти за настанатиот проблем со извоз на брашно на косовскиот пазар. Во текот на утрешниот ден заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство ќе оствариме состанок со претставници на Мелничко-пекарската индустрија со цел за изнаоѓање решение – велат од Министерството за економија.
Оттаму не соопштуваат дали ќе има реципрочни мерки кон Косово.
– Во зависност од информациите и од косовската страна и од мелничко-пекарската индустрија ќе бидат преземени соодветни мерки – велат од Министерството за економија.
Мелничарите тврдат дека од косовска страна се блокира извозот за да се заштити тамошното производство, а за изговор се користи правилникот кој важи веќе 15 години кој предвидува повисоко ниво на железо и фолна киселина во брашното што пак се почитува од страна на извозниците.
– Косово ни ги враќа камионите под изговор дека нивото на железо и фолна киселина е под пропишаниот правилник, иако и пред испорака и по враќањето нашето брашно е испитано во нашите лаборатории и констатирано е дека содржи повеќе од минималната утврдена количина на железо и фолна киселина – изјави за МИА претседателот на здружението на мелничари при Стопанската комора Горан Малишиќ.
Од агрокомората на Сојузот на стопански комори велат дека надлежните институции треба што побрзо да го решат проблемот со извозот на брашното во Косово.
– Во вакви околности институциите треба да се заложат проблемот да се реши во рамки на ЦЕФТА договорот и соодветните протоколи, но и со почитување на договорите меѓу двете држави, како и на важечките прописи – вели Огнен Оровчанец од Агрокомората.
Косово има Правилник за квалитет во кој се бара во брашното да има зголемено ниво на железо и фолна киселина веќе 15 години. Сличен правилник има и Албанија која за да го заштити домашното производство го зголеми нивото на протеини во брашното.
Според податоците на Стопанската комора, лани извозот на македонско брашно на Косово бил 4.400 тони, а во 2019 година изнесувал 8.400 тони.