Косово покажа волја за намалување на тензиите со Србија, изјави Османи на средбата со Лајчак

Косовската претседателка  Вјоса Османи го прими во втроникот специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, со кого разговарала за „актуелните политички предизвици“ во односите меѓу двете држави.

Во соопштението од кабинетот на Османи се наведува дека на средбата станало збор посебно за актуелната криза на мнозински српскиот север на Косово, за напорите за деескалација и за потребата од спроведување на договорите од Брисел и анексот усвоен на средбата на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид во март годинава.

Османи нагласила дека Косово покажало волја за намалување на тензиите, со тоа што понуди одржување нови градоначалнички избори во општините со мнозинско српско население на северот од поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија која во 2008 година еднотрано прогласи независност кој Белград не го признава – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечане и Зубин Поток.
„Претседателката Османи нагласи дека косовските институции се посветени на тоа заедно со меѓународните партнери да ги надминат актуелните предизвици и дека Косово демонстрира волја за деескалација, нудејќи организирање на нови избори на северот на земјата согласно косовската законска рамка. Претседателката Османи нагласи дека Косово останува непоколебливо во неговата посветеност на мирот и стабилноста во земјата и регионот, се вели во соопштението.

Лајчак, кој допатува попладнево во Приштина, по приемот кај Османи, замина на средба со косовскиот премиер Албин Курти, а во среда ќе престојува во Белград, каде што, меѓу другите, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Дипломатски извори од седиштето на ЕУ во Брисел изјавија за медиумите дека посетата на Лајчак на двете земји, на барање на шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, е со цел враќање на Приштина и Белград на преговарачката маса и намалување на тензиите во северно Косово.