Косово за гол подобар од Израел во квалификациите за ЕУРО2024

Во заостанатиот натпревар од Групата И од квалификациите за европското првенство во 2024 година одигран во неделата вечерта, Косово по тешкиот терен на раб од регуларноста го совлада Израел со 1:0. Единствениот погодок на мечот го постигна Милот Рашица во 41 минута.

Натпреварот од групата И на ЕУРО 2024 првично беше закажан за 15-ти октомври, но беше одложен поради војната меѓу Израел и плестински Хамас.

Пред натпреварот, косовската полиција во соопштение објави дека подготвила операција за превенција на можни безредија, спречување криминални дејствија и други активности. Имено, иако се смета главно за секуларно, во Косово 90 отсто од населението е муслиманско, а многу поддржувачи на палестинската кауза пред натпреварот преку социјалните мрежи ги повикуваа властите во Приштина да го забранат влезот на израелската селекција во Косово.

Израел го призна Косово како суверена држава од 2020 година и двете земји имаат воспоставено дипломатски односи. Сепак, на почетокот од мечот на вообичаеното интонирање на државните химни, публиката на стадионот во Приштина ја исвирка израелската национална имна.

По ужасно лошиот за игра терен, гостите се обидоа да го отворат резултатот со ударите на Дор Перетц и Еран Захаави. Сепак, Косово дојде во водство со погодокот на Рашица по ударот со глава на Ведат Муриќи во 41 минута. Домаќините се обидоа да го зголемат водството во вториот дел, но беа запрени од голманот на Израел, Омри Глејзер. Гостите притискаа за израмнување, но завршија со 10 играчи кога Рој Ревиво беше исклучен во 95 минута, откако доби втор жолт картон за прекршокот над Илир Красниќи.

Израел, кој има за цел да го оствари своето прво европско првенство откако стана полноправна членка на УЕФА во 1994 година, ќе ги одигра следните два квалификациски натпревара, кои исто така беа презакажани, во Унгарија против Швајцарија на 15-ти ноември и против Романија три дена подоцна.

Сега четвртото Косово има 10 бодови, еден помалку од третиот израел кој има и меч помалку. На врвот на табелата е Романија со 16 бодови, еден повеќе со натпревар повеќе од второпласираната Швајцарија.