Косовската амбасада „итно“ бара посета на терористите од кумановските настани во „Диво насеље“

Косовската амбасада преку Министерството за надворешни работи испратила барање затворската управа да дозволи посета на осудените терористи од кумановските настани, дознава телевизија „Телма“.
Барањето, кое веќе стигнало до Министерството за правда и до Управата за извршување на санкции, содржи список од 17 осуденици кои се државјани на Косово и се уапсени на 9 мај 2015 година, во кумановската населба Диво Насеље.

Барањето е со ознака „итно“, а доколку посетата биде одобрена, ќе ја изврши Блерим Салаху, заменик-министер за правда на Косово. Во барањето се предложени два датуми за посета – 17 декември (петок) или 20 декември (понеделник).

Во изјава за „Телма“, од Управата за извршување на санкции одговориле дека сите барања се разгледуваат и се носат одлуки за нив, без да прецизираат повеќе детали за ова барање на косовската амбасада во земјава.

Имено, Салаху минатата недела требаше да го посети затворот „Идризово“ и да оствари средба со раководството на установата. Заменик-министерот за правда, Агим Нухиу тогаш демантираше дека е предвидена средба со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“.