Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, денеска пристигнува во официјална посета на Македонија, а домаќин ќе биде нејзиниот македонски колега, претседателот Стево Пендаровски.
Како што соопштија од Кабинетот на Пендаровски, Османи-Садриу ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија во Кабинетот на претседателот. По пречекот е предвидена тет-а-тет средба на претседателите на двете држави, а потоа и пленарен состанок на делегациите на Македонија и на Косово.
„Во рамки на посетата, во црквата ‘Свети Спас’ во Скопје двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.
За време на официјалната посета, косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, како што се наведува, ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со премиерот Димитар Ковачевски. Таа денеска ќе има и обраќање во Собранието пред македонските пратеници.
Утре, пак, ќе отпатува во Тетово каде што ќе се сретне со градоначалникот Билал Касами, а ќе го посети и основното училиште „Лирија“, градскиот плоштад каде што ќе има музички настап со стари народни песни, а ќе ја посети и Шарената џамија.
Општината веќе подготви билборди со добредојде за косовската претседателка Османи кои се поставени на повеќе локации низ градот покрај кои ќе помине гостинката, а самиот градоначалник Биљал Касами на својот Фејсбук профил објави добредојде и напишан како и што пишува на билбордите:
„Добредојдовте госпоѓо претседателке. Тетово ве поздравува“.