Косовскиот парламент денес на вонредна седница изгласа Резолуција по повод апсењето на Рамуш Хардинај во Љубљана со која од владата на Словенија се бара безусловно и моментално да му го врати дипломатскио пасош на лидерот на Алијансата за безбедност на Косово и да му дозволи враќање во Приштина, пишува српски „Блиц“.
Со резолуцијата се бара косовската влада од Брисел да побара „чистење“ на потерниците на Интерпол, а до Словенија поради апсењето на поранешниот премиер да се упати протестна нота.
Барањето за итно враќање на Хардинај на Косово беше поддржана од сите пратеници од сите пратенички групи во косовскиот парламент.
Рамуш Хардинај беше уапсен вчера на аеродромот во Љубљана по потерницата што Интерпол Белград ја распиша на 8-ми октомври 2004-та поради воени злосторства. Тој синоќа бил сослушан пред истражен судија во судот во Крањ, а пасошот му бил одземен се до завршувањето на постапката поврзана со потерницата.
Од судот во Крањ соопштуваат дека ќе постапат во согласност со договорот поемеѓу Словенија и Србија за испорачување, што важи од 1-ви декември 2013-та година.
На Хардинај два пати му беше судено пред Хашкиот трибунал во 2008 и 2012 година поради обвиненијата за воени злосторства над српското и другото неалбанско население во Косово и два пати беше ослободен.