Косовскиот суд за воени злосторства наскоро ќе започне со работа

Претседателката на Специјалниот суд за воени злосторства на Косово, Екатерина Трендафилова

Косовскиот Уставен суд во средата создаде простор за почеток на функционирањето на судот за воени злосторства на кој ќе им се суди на високите команданти на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК – UCK), а првите обвиненија може да бидат подигнати веќе следната седмица.

Уставниот суд во Приштина претходно побара неколку амандмани на законите за да може да му се овозможи на споменатиот трибунал за воени злосторства да започне со работа,

Претседателката на Специјалниот суд за воени злосторства на Косово, Екатерина Трендафилова, изјави дека судот ќе започне со работа за една седмица, пренесе регионалната телевизија N1.

Специјалниот суд за воени злосторства на Косово беше формиран во 2016 година за да им се суди на челниците на поранешната ОВК кои се обвинети за злосторства во текот на борбите во 1998/1999 година и по нив.

Многумина од актуелните водечки политичари на Косово беа високо рангирани припадници на UCK, вклучително и претседателот Хашим Тачи и неговиот коалициски партнер од ткн „воена коалиција“, поранешниот премиер Рамуш Харадинај.

Специјалниот суд за воени злосторства на Косово, кој дејствува во согласност со косовските закони, е воспоставен во странство и тоа со меѓународни судии и обвинители, бидејќи домашното правосудство се смета за неспособно да даде отпор на влијанието на обвинителите и натамошно подобро да ги заштити сведоците.

Трендафилова, чиј мандат ќе трае четири години, стапи на функцијата во јануари, а ќе биде одговорна за судската управа на Специјализираните совети. Таа воедно ќе ја врши и функцијата претседателот на панелот судии на Врховниот суд на Специјализираните совети.

Во Меѓународниот кривичен суд, Трендафилова беше претседавачки судија на Советот за претходна постапка, во случаите со Уганда, Централноафриканската Република, Кенија, Демократската Република Конго, Судан, Брегот на Слоновата Коска и Мали.

Од јануари, стапи на сила и „договорот со земјата домаќин“, потпишан помеѓу Холандија и Косово, кој дава правна основа за водење на постапките во Холандија.

Пред Специјализираните совети, според најавите, ќе бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства извршени за време и по војната со српските сили, иако првите обвиненија сѐ уште се чекаат.

Пред него ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ (SITF) од 2014 година. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и Албанците, за кои се верувалo дека се соработници на српските власти. Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирање, нелегално затворање и сексуално насилство.

Судот е составен од меѓународни судии и обвинители, а ќе функционира во рамките на законите на Косово. Првите негови активности се очекуваат на почетокот на следната година.