Косовскиот заменик-министер за правда ја откажа посетата

Посетата на косовскиот заменик-министер за правда Блерим Салаху е откажана, потврдија за „360 степени“ од Министерството за правда во Скопје.

Салаху за телевизија во Приштина ја најави посетата на Македонија, при што посочи дека ќе се сретне и со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“. Целта на посетата, како што рече, е да се информира за условите во кои ја издржуваат казната и дали се почитуваат нивните права и притоа се повика на Законот за државјанство.

„Салаху ќе има средба со мене и со директорите на затворите во земјава. Ја продолжуваме соработката меѓу министерствата. Не е точно дека ќе има непосредна средба со затворениците од случајот ‘Диво Насеље’. За таквите средби има посебни процедури по дипломатски пат, но нема побарано и нема да оствари“,изјави Нухиу за Канал 5.

Салаху доцна синоќа известил дека ја откажува посетата и не се знае кога би се остварила.

„Диво Насеље“ е еден од четирите случаи за кои премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши договорија меѓународен мониторинг на пресудите и судските постапки.

Вкупно 33 обвинети лица добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна. Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите.