Косовското барање за прием во Советот на Европа на вонреден дневен ред на денешната седница

Барањето на Косово за прием во Советот на Европа (СЕ) денеска ќе се најде на дневен ред на Комитетот на министрите, потврди советничката на претседателот на Косово, Рејхан Вуничи, пренесува „Репортери“.

„Барањето на Косово за членство во СЕ е на дневен ред на Комитетот на министрите. Се надеваме на позитивен развој на овој важен чекор кон европската интеграција“, напиша Вуниќи на „Твитер“.

Вонредната седница на Комитетот на министрите, која беше свикана на 21 април на инсистирање на одредени држави од т.н. квинта – Германија и Италија – ќе се одржи денеска со почеток во 14.30 часот.

Во нацрт-одлуката што треба да им биде претставена на амбасадорите во КМСЕ и за која се бара нивна поддршка се повикува на договорите од Брисел на 27 февруари и од Охрид на 18 февруари, во кои се наведува дека Србија „нема да се спротивставува на косовското членство во меѓународни организации“.

Косово аплицира за прием во Советот на Европа во мај минатата година, а досега тоа барање беше во фиока.

Причината за ваквото брзање во однос на барањето за членство на Косово е веројатно тајмингот бидејќи седницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) почнува на 24 април, па очигледно е дека намерата е да се истурка целата процедура за да може прашањето да се стави пред пратениците, кои потоа одлучуваат дали ќе го проследат барањето на самитот на СЕ во Рејкјавик на 16 и 17 мај, на кој ќе се соберат шефовите на држави и влади на членовите на СЕ.

На состанокот на Бирото на Парламентарното собрание на СЕ утринава, шефот на унгарската делегација, Немет Жолт, праша дали е добар момент барањето на Косово за прием во СЕ да се стави на дневен ред на денешната вонредна седница.

Унгарскиот европратеник му го постави прашањето директно на заменик-генералниот секретар на СЕ, Бјорн Берге, коментирајќи дека во актуелните геополитички околности е потребно единство во Европа.

Жолт посочи и дека поведувањето на процедурата за прием на Косово може да предизвика некои земји да го откажат присуството на самитот на СЕ во Рејкјавик.

Берге одговори дека прашањето за Косово сигурно нема да биде дел од самитот и дека за нивното барање се чека долго време.

Според „Косово онлајн“, од утринава во Стразбур, каде што почна пролетната седница на ПССЕ, на маргините се водат интензивни дискусии за барањето на Приштина. во кои особено се активни претставниците на земјите од квинтата.

Шефицата на српската мисија во СЕ, Александра Ѓуровиќ, изјави дека Србија ќе се бори до крај за барањето на Приштина за прием во СЕ да не биде ставено на дневниот ред на седницата на Комитетот на министрите.