Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека во петокот упатило протестна нота до Македонија, барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи.
За упатена протестна нота објави и министерката за надворешни работи на Косово, Доника Грвала.
Според соопштението на приштинското МНР, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.
„Министерката (Доника) Грвала достави протестна нота до властите во Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат“, се наведува во соопштението на косовското МНР.
Грвала, според соопштението, веднаш по инцидентот, во четвртокот вечерта и во петокот се сретнала со амбасадорката на Македонија во Косово за да побара појаснување за случајот.
„Министерката Грвала денеска во МНР оствари средба и со вицепремиерот на Македонија, Арбен Фетаи со кого разговараше за предметниот инцидент и потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамки на преземените дејствија, министерката Грвала вчера попладне прими телефонски повик од нејзиниот македонски колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, при што беше изразена загриженоста на косовските институции за вчерашниот инцидент“, се наведува во соопштението.