
„Објавените информации денеска за наводно семејно насилство во мојот дом се кулминација на серијата лажни вести и невистини што одредени медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги пласираат за мене и моето семејство. Најостро и целосно ги демантирам и ги отфрлам и осудувам пласираните невистини за наводно семејно насилство во мојот дом или предизвикано од мене. Ова го квалификувам како бесрамна лага, манипулација и злоупотреба на малолетни деца, семејни односи и недоразбирања во дневно политички цели“, рече Ацевски на прес конференција.
-Најодговорно тврдам дека се нема случено никакво физичко, психичко, вербално ниту какво било насилство од моја страна врз мојата сопруга. Овие напади врз мене и пласирани невистини беа изведени синхронизирано од медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, без притоа никој да не побара мој став ниту од мојата сопруга. Насилството не е и никогаш нема да биде мој начин на решавање на недоразбирањата.
Како одговорна личност, ги повикувам сите надлежни институции уште еднаш да го проверат случајот и да ја информираат јавноста. Ако има вина за какво било постапување, веднаш сум подготвен да поднесам оставка од функцијата и ќе преземам целосна одговорност. Апелирам медиумите невистините да ги заменат со вистини, конструкциите со факти и да престанат да злоупотребуваат лични човечки судбини.
Исто така, апелирам колешката Благица Ласоска да ги провери фактите и по проверка на истите да упати јавно извинување за дадената денешна изјава, во спротивно ќе сметам дека и таа е дел од конструкцијата и пласирањето на лажни вести и невистини“, изјави Ацевски.