Антонијо Милошоски симболот на лажните вести вчера уште еднаш ја посрамоти државата, Собранието, институциите и граѓаните. Милошоски ја злоупотреби собраниската говорница и пратеничките прашања, за бесрамно да шири лажни вести што и официјално беа демантирани, рече на прес-конференција портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
– Почесниот конзулат на Белорусија во Македонија официјално ја демантираше лажната вест на Милошоски дека наводно бизнисмен од Битола бил рекетиран и барал помош во Амбасадата на Република Белорусија во Белград, Република Србија. За таквата бесрамна лага на Милошоски, во официјалното известување од Почесниот конзулат на Република Белорусија во Македонија, јасно е наведено цитирам: „Се што беше искажано се едноставно лажни вести“. Ваквото однесување на Милошоски е неодговорно и недостојно на функцијата што ја извршува – рече Костадинов.
Тој додаде дека не е првпат Антонијо лажни вести Милошоски да ја лаже и манипулира јавноста. Костадинов потсети дека неодамна Милошоски излажал дека дури седум земји членки на Европската унија биле против тоа нашата држава да ги започне преговорите со Унијата. Таа лага веднаш беше демантирана од високи претставници на ЕУ.
– Лагите на Милошоски се срамни, го нарушуваат меѓународниот углед на државата и се спротивни на интересите на државата и на граѓаните. Милошоски е срам за нашата земја и за граѓаните и нема дилема дека мора да замине од функцијата пратеник – рече Костадинов.