Во вечерашното гостување на Дневникот на МТВ, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски посочи дека гледа вештачко креирање на проблеми и политика во најавите на градоначалниците на Карпош и на Струмица, дека ќе го напуштат ЗЕЛС. Посебно го издвои однесувањето на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кој одбива комуникација и подадена рака за помош од него и од другите колеги, ставајќи ги во заложништво граѓаните заради свои политички цели.
„Во двете реакции на моите двајца колеги градоначалници, Јакимовски и Костадинов, преовладува политика. Како што неколку пати кажав, претходно не бев известен ниту беше побаран состанок или средба за да дискутираме за одредени проблеми кои преку социјалните мрежи посочија дека ги имаат со одредени министри, со одредени претставници од централната власт. Сакам да сум јасен дека ЗЕЛС не е владино тело и ние го изолираме моментот на политичко делување внатре во ЗЕЛС.
Јас и досега сум го покажал тоа и во пракса, а денес за тоа посведочи и мојот колега од Центар, колегата Герасимовски, кој доаѓа од спротивна политичка партија од мојата, и кој истакна дека ние секогаш сме се труделе во ЗЕЛС да нема било какви политички влијанија. И доколку се соочиле со било каков проблем со поединечен министер, секако ќе им била подадена рака за посредување, но доколку за тоа не’ информирале.
Воедно, иако досега избегнував да го коментирам, морам да го истакнам несериозниот однос и пристап кон ЗЕЛС, на колегата од Струмица, Костадинов. Практично, не паметам седница на која се појавил, секогаш праќал замена. Во моментите кога се појави кризниот период, не само јас, туку и повеќе мои колеги и соработници од ЗЕЛС, пробавме да го исконтактираме, да продискутираме со него дали има простор да му помогнеме, да се вклучиме во надминување на кризата со водоводот. Обидите за соработка кој тој тврди дека ги имал, се двосмерна улица и морам да ја информирам јавноста дека сум наишол од него на затворена врата.
И тоа не само јас, туку и други соработници, дури и од неговата политичка партија. Тој денес вербално го нападна и својот колега од Центар, што говори јасно дека политиката сака да ја стави пред граѓаните и пред тоа што е градоначалник и она што треба да го прави за своите граѓани. Тоа е нешто што јас, како претседател на ЗЕЛС не можам да го дозволам. Не можам да дозволам мешање на политиката во внатре во нашата асоцијација.
Ако некој има поединечна нетрпеливост со одреден министер, тоа не значи дека тоа е конфликт на ЗЕЛС, но значи дека претседателот на ЗЕЛС, заедно со целиот Управен одбор може да посредува, да биде медијатор помеѓу министрите и градоначалникот и општината и да не дозволиме ескалирање на проблемот, нешто што било вообичаена пракса и досега. Овде кризата е вештачки создадена“, изјави Ѓорѓиевски.