Костадиновска-Стојчевска: Ги поттикнуваме младите да творат на македонски јазик

Министерството за култура информира дека е отворен конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2023 година, наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена. Целта на манифестацијата е преку различни културни активности да се поттикне создавањето на дела со употреба на македонскиот јазик од страна на младите уметници и независната културна сцена, неформални групи и автори од областа на културата.

„Првото издание на конкурсот, што успешно се реализираше минатата година, се покажа мошне провокативно за младите автори, кои со кирилицата пополнија празнина во новиот медиумски простор. Младите уметници и автори од независната културна сцена  и оваа година добиваат можност со своите креативни идеи да придонесат кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик“, нагласува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која ги поканува сите заинтересирани најдоцна до 30 јуни да аплицираат на конкурсот кој е објавен денеска во медиумите и на веб-страницата на Министерството за култура.

Предлог-проектите може да бидат: ликовни интервенции во урбан простор (графити) создадени на македонски јазик; стикери (налепници) за социјални мрежи и канали на комуникација (вибер, инстаграм…); самостојни и групни изложби на дела создадени со користење македонски јазик; литературни промоции; организирање дебати, конференции, работилници и слично.

Локациите за претставување на проектите може да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои можат да добијат нов современ лик како уметничка сцена.  Манифестацијата ќе се одвива од 15 јули до 1 октомври.

Предност имаат млади автори до 30-годишна возраст кои за првпат конкурираат, мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.

Повеќе информации за конкурсот може да најдете на следниов линк: КОНКУРС за проект за манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ за 2023 година – Министерство за Култура (kultura.gov.mk)