Костадиновски: Лага е дека со укинувањето на „балансерот“ се поништуваат правата на заедниците

Лага и манипулација е тврдењето дека Уставниот суд укинува права на заедниците со одлуката за укинување на „балансерот“, алатката за вработување според националната припадност во државните институции. Ова денеска на прес-конференција го рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, образложувајќи ја денешната одлука за укинување на алатката „балансер“, за која рече дека е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно.

Така, Уставниот суд укина делови од одредби на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор што ги содржат зборовите „припадност на заедница“, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас, Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, како спротивни на Уставот. 

„Манипулација е и дека судот со своето постапување по овој и кој било друг предмет може да ги наруши политичките или етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Секој, вклучително и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на судот, не да ги политизираат или да ги етнизираат. На нашето постапување и на нашите одлуки треба да гледаат како заштита на Уставот и заштита на правото. Ќе повторам дека не одат заедно јавно прокламираните заложби од секого за европски стандарди и владеење на правото и политизацијата и етнизацијата на постапувањето на судот“, рече тој.

Според него, преминот во зрела демократија подразбира реална, а не лажна посветеност кон владеењето на правото, односно висока политичка и уставна култура и почитување на Уставот.

Посочи дека јавната администрација е ‘рбетот на државата, што дава бројни услуги, а потребата од квалитетни услуги не познава етничка или каква било припадност, туку на сите ни се потребни стручни, компетентни и ефикасни услуги од државата, а со тоа и стручни и компетентни службеници.

При градењето на ставот на Уставниот суд за овој предмет, Костадиновски рече дека биле земени предвид Извештајот на Европската комисија, која во континуитет изразува загриженост, но и пресудата на Врховниот суд на САД за случајот Студенти за фер прием против Универзитетот „Харвард“, донесена пред една година.

Со денешната одлука Уставниот суд укинува одредби од Законите за јавен сектор и за јавна администрација, како и подзаконски акти со кои се операционализира темелната вредност и правичната застапеност.

„Во конкретниот случај со оспорените законски и подзаконски одредби неспорно е дека законодавецот ја операционализирал темелната вредност на нашиот уставен поредок соодветната и правична застапеност. Оваа темелна вредност во нашиот уставен поредок е воведена во 2001 година. Станува збор за интервенција во Уставот што е резултат на неопходноста што произлегла од општествената и уставната реалност во тој временски момент. Но, неспорно е дека операционализацијата на оваа темелна вредност по својата суштина и природа претставува она што и во теоријата и во практиката се нарекува афирмативна акција, односно мерка која по својата природа предвидува позитивна дискриминација“, рече тој.

Вториот аргумент за одлуката на Уставниот суд, како што рече тој, е нивната одлука со која се укинаа одредби од Законот за матична евиденција, со што судот зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и може да биде менливо.

Третиот аргумент е можноста вработениот во јавниот сектор, кој има право да поднесе барање за промена на неговите податоци, вклучувајќи го и податокот за припадност на заедницата, што произлегува дека податокот за националната, односно припадноста кон одредена заедница не може да претставува гаранција за запазување на суштината и правилната имплементација на темелната вредност посветена на соодветната и правична застапеност.

Во однос на тоа дали сега по укинувањето на одредбите ќе настане правен вакуум и нема да се вработуваат од заедниците Костадиновски одговори: 

„Уставот ја предвидел како темелна вредност правичната и соодветна застапеност. Имајќи предвид дека секој е должен да го почитува Уставот, секој е должен да ја почитува правичната застапеност”. 

„Aфирмативните акции имаат два принципа кои доведуваат до различни резултати. Погрешно е толкувана и применувана соодветната и правичната застапеност. Таа не подразбира нееднаквост меѓу нееднаквите, туку нееднаквост меѓу еднаквите. Тоа значи на пример доколку на јавен оглас јас имам 100 поени и вие исто така 100 поени, вие ќе добиете предност, а не  јас со 100 поени, а вие 40, вие да добиете преднос. Секоја институција треба да води сметка за соодветната и правнична застапеност”, посочи Костадиновски.

Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.

Одлуката за поведување постапка за „балансерот“ предизвика реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Така, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлуката ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.