Костадиновски истакна дека Николовски, уште еднаш, во недостиг на идеи и конкретни проекти, шири лаги за да ја дезинформира јавноста и да добие политички поени.
Според директорот на АХВ Зоран Поповски, заклучно со утре, усмртени ќе бидат вкупно 132 говеда. – Тоа потврдува дека менаџирањето со болеста до овој момент е успешно. За споредба можеме да ја земеме Бугарија, каде се убиени 7.000 грла, посочи Поповски.
Тој и заменик-министерот Костадиновски информираа дека, покрај набавката на вакцините, превентивно се преземени и други мерки, согласно ЕУ стандардите и препораките за „јазлеста кожа“. По усмртувањето на говедата, пак, се врши дезинфекција на сите места кои биле во контакт со заболените животни: одгледувалиштата, превозните средства, механизацијата, луѓето и опремата.
Болеста „јазлеста кожа“ во Македонија првпат беше потврдена на 22-ри минатиот месец. Засега има шест жаришта, но, како што нагласи Поповски, не е исклучена можноста од нејзино натамошно ширење.
-„Јазлеста кожа“ се појави прво во Грција, па во Бугарија и за тоа знаеа цел Балкан и цела Европска унија. Но, нема мерка што може да се преземе пред да се појави болеста во одредена земја. Затоа, се делува превентивно, преку обуки на ветеринарите и сточарите за рано препознавање на болеста како единствена мерка, објасни директорот на АХВ.
Вирусот, додаде, се шири многу лесно, преку комарци, мушички, а предвидувањето на Европската комисија е дека до 2017 година болеста „јазлеста кожа“ ќе стигне до Норвешка.