Костал длабоко навлегува во дејноста енергетска електроника за плаг-ин хибридни и електрични возила, вели Мизо

Костал Македонија влегува во третата фаза на инвестицискиот циклус вредна помеѓу 45 и 50 милиони евра, со што се отвора простор и за нови 250 работни места. Во Охрид ќе се произведуваат и оттаму до сите локации на Фолксваген ќе се доставува најсофистицирана опрема за автомобилска електроника, која ќе се вградува во најсовремените модели на возила. Во овие рамки ќе се реализира уште еден проект, поврзан со „Мерцедес“, вели генералниот директор на Костал Македонија, Виктор Мизо.

„Длабоко навлегуваме во дејноста енергетска електроника на плаг-ин хибридни и електрични возила. За Фолксваген групацијата, за сите возила од новата програма, сѐ ќе се прави во Охрид и ќе се доставува на сите нивни локации. Вториот проект во овие рамки е производството на напредни мехатронски системи за Мерцедес“, изјави Мизо пред денешното официјално означување на стартот од оваа фаза во нивните активности.

Со ова вложување вкупната инвестиција на германската групација ќе надмине 150 милиони евра. Притоа, значаен е и бројот од околу 1.300 работни места. Дел од потребната опрема за производство е веќе донесена во охридската фабрика, а исто така, реализирани се и дел од вработувањата.

На денешниот настан ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.

Минатата година Костал Македонија беше рангиран како деветти најголем извозник од државата. На македонскиот пазар успешно опстојува осум години проследени со континуиран развој и инвестиции. На списокот клиенти со кои соработува, покрај Групацијата Фолксваген (фолксваген, ауди, порше, шкода, сеат) и Мерцедес, се и БМВ, Јагуар, Ланд Ровер.