Македонската ракометна репрезентација веќе е во Берлин. По ден одмор Кирил Лазаров и неговите избраници од денеска ќе се подготвуваат за вториот дуел на Европското првенство, а тука ги чека домаќинот, Германија. Ова е уште еден противник на нивото на Франција која на стадионот во Дизелдорф славеше убедливо против „црвено-жолтите“.
Никола Костески, еден од поискусните ракометари вели дека не треба да бидат разочарани, бидејчи во одредени периоди, Македонија навистина играше рамноправно.
„Прекрасно беше чувството да се дебитира за Македонија на едно големо натпреварување, на меч одигран на фудбалски стадион пред повеќе од 50.000 навивачи, против ривал како Франција. Одигравме многу добро во тоа прво полувреме со Франција, имавме и водство од два гола, покажавме мотивирана игра против една селекција која според мене искрено е главен фаворит за шампионскиот трофеј на ова првенство. Тие влегоа во ритам, со серија од 4-0 го свртеа резултатот во своја полза, ние влеговме во серија технички грешки во нападот што селекцијата на Франција знаеше како да го искористи и да стигне до убедлива победа. Овој пораз не треба да разочара, на периоди игравме навистина квалитетно и верувам дека ќе бидеме уште подобри на следните две средби во групата“, изјави Никола Костески.
Македонија и Германија ќе играат на 14. јануари во „Мерцед Бенц Арена“.
Фото: Фејсбук/ Ракометна Федерација на Македонија – официјална страница