Граѓани се собраа во средата пред Кривичниот суд Скопје, каде што ги пречекаа обвинетите за настаните од 27-ми април. Со транспаренти и извици на поддршка се бара слобода за обвинетите.
Организаторот на протестот, поранешниот јавен обвинител, аналитичар и правник, Сотир Костов испрати порака до граѓаните, власта и обвинетите.
„Сите чесни Македонци, родољуби, што си ја сакаме Македонија, со името Македонија, со македонскиот идентитет, со познатата наша крвава и светла историја, се собравме да дадеме поддршка, а воедно и солидарност на уставобранителите, на патриотите кои оваа ненародна власт ги прогонува, како средовековна инквизиција, за кривично дело кое воопшто го немаат сторено“, рече Костов во изјава за КУРИР.
Вели дека државата ги терети овие лица за загрозување на уставниот систем и безбедноста, а тие за него се фактички се уставобранители кои на 27-ми април минатата година го бранеа македонското Собрание, македонските институции од ненародниот и насилен трансфер на власт.
„Со своите медиумски мегафони направија перцепција дека овие се насилниците, дека тие се терористите. Како може некој да е терорист кој не употребил никакво оружје или насилно средство, бидејќи тоа го бара ова кривично дело кое е многу тешко. Тие само пееја македонска химна, пееја патриотски песни и вееја знамиња, и нив сакаат драконски да ги казнат. Оние кои истовремено, истиот ден, пееја химна на странска држава, ги наградија со удобна фотелја на власт. Македонскиот народ е свесен, македонскиот народ полека го напушта стравот и бидете сигурни дека тоа нема да го дозволат. Овие луѓе, ви тврдам, ќе бидат ослободени. Не може Дурловски да е терорист, не може Дамовски да е терорист, не може Боби Илиевски да е терорист, Владо Јовановски не може да е терорист. Не може Мукоски, Тарчуловски, пратеник кој е член на највисокото законодавно тело да биде терорист, а не превзел терористичко дејстие. Притворени се против сите одредби на деловникот на Собранието и против Уставот“, рече Костов.
Во текот на протестот пред судот, организаторот порача дека народот ќе ја земе правдата во свои раце.
„Македонскиот народ се освестува и нема да го дозволи тоа. Дијаспората се обединува и тоа ќе го покажеме на референдумот кој нема да им успее. Тоа ќе биде првиот знак дека оваа ненародна власт треба да си замине. За нашите браќа родољуби само ќе им порачам: издржете! Вие ќе бидете слободни, за вас ќе има само правда, оваа неправдина ќе ја симнеме, народот ќе ви ја симне од товар“, порача Костов.