Пратеникот и идниот градоначалник на Општина Бутел, Дарко Костовски се огласи на социјалните мрежи откако во јавноста се појави видео на кое се гледа малтретирање на ученик од страна на наставник.
Костовски вели дека малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку и треба најстрого да биде казнето.
-Најостро го осудувам настанот со тепањето на ученик од ОУ Панајот Гиновски кое се наоѓа во населбата Бутел 2. Видеото кое излезе на социјалните мрежи покажува како не смее да постапува еден наставник. Наставникот не само што го тепа детето, туку со ваквиот чин нанесува тешка траума на ученикот. Директорката на училиштето и МОН да преземат активности и покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка согласно чл.130 и чл. 143 од КЗ, вели Костовски,
Додава дека одговорност мора да има и нагласува дека на насилниците не им е местото во училиштата.
-Наставникот треба да образува и воспитува, а не да застрашува, малтретира и шиканира. Децата од учичиште мора да излезат со знаење, а не со трауми. Стоп за насилството врз децата. Доколку институциите молчат јас како градоначалник веднаш по преземањето на функцијата ќе искористам се што е во моја законска надлежност овој случај да не остане неказнет, нагласува Костовски.