Костовски: СЈО дејствува како партиски орган на СДСМ

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) функционира како партиско тело на СДСМ, неговото работење и исклучително селективно и има цел да крева димни завеси секогаш кога неговата „матична партија“ и премеирот Зоран Заев прават пазари со националните и државните интереси, рече во неделата пред објектот на СЈО, Дарко Коствоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Костовски, во споменатиот контекст се „селективните и тендентциозни“ обвиненија кои ги креираат во СЈО исклучиво за функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

„Целта е елиминација или ослабување на ВМРО-ДПМНЕ, со цел слабеење на државата. Гревот поради кој се води оваа хајка против ВМРО-ДПМНЕ е тоа што не отстапуваме од одбрана на државните и национални интереси. Работата на СЈО нема никаква врска со правото“, посочи Костовски.

Оцени дека поднесените обвиненија се покренати апсолутно без какви и да се докази и аргументи. Притоа, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, направени биле низа правни преседани коишто ќе се изучуваат во историјата на правото како не треба да се постапува.

„Во случајот е ТНТ е урната е дивоградба на (бизнисменот од партијата ПЕИ) Фијат Цаноски. Во овој момент некој да излезе и да ја измери основната плоча ќе види дека не е градено по план. СЈО решава да ги исполни желбите на Заев и политички без докази покренува обвинение за случај за кој многу лесно може и сега да се провери дека е дивоградба. Фијат Цаноски коалициониот партнер на Заев добил дозвола за да гради два ката подземно, а поради желбата да скрати од трошоци, градел само еден. Откако се соочил со законот поднел и барање за измена на дозволата за градба со што практично признава дека направил дивоградба“ прецизираше Костовски.

Додаде дека целата постапка на уривањето била водена законски и нагласи дека доколку не била преземена ваквата мерка, требало да не се почитува законот.

„Беа направени дури три вештачења и сите три потврдија дека објектот е дивоградба и треба да се руши и дека е постапувано законски“, потсети Костовски.

Меѓутоа, со цел да се направи политички спектакл, продолжи Костовски, СЈО покрена обвинение за сосема законски случај, како што е уривањето на споменатата дивоградба.

„Целта на СЈО и Заев не е правдата туку нејзино гушење. СЈО е политичка а не правна алатка. Со ова се докажува дека без аргументи, докази и факти, со политичка манипулација се води хајка против ВМРо-ДПМНЕ“, констатираше Костовски.

Порача дека СЈО не смее да се става над законот. Во прилог на тоа циритеше дека „Согласно член 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, овој орган за селективен прогон не смее да води истражни постапки по истекот на 18-те месеци од денот на превземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“.

Оттаму, посочи Костовски, секој нов прогон и „тормозење кој СЈО ќе го врши врз граѓани, членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде противзаконски и ќе биде основ за одговорност на вработените на СЈО“.