Ковачев: На 17 ноември нема да се донесе одлука за почеток на преговорите

На 17 ноември очигледно нема да се донесе одлука за почеток на преговорите со С Македонија. Јас не би го нарекол ова вето, туку одложување, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, пренесува БГНЕС.

– Одложување на процесот, но сето тоа зависи од Скопје. Ако одлучат да го променат своето мислење, да престанат да ја фалсификуваат историјата и да користат говор на омраза, тогаш ќе има друго решение. Меѓутоа, малку е веројатно дека тоа ќе се случи во следните денови – вели Ковачев.

Тој не ја исклучува можноста преговорите со Македонија да почнат за време на едно од наредните претседателства со ЕУ во 2021 година.

Според него, бугарската позиција е иста, а од потпишувањето на Договорот за добрососедство, Македонија имала три години да ја промени својата политика.

– Во Договорот е запишано дека имаме заедничка, а не споделена или паралелна историја, нешто на што инсистираат Македонците. Тие нема од што да се плашат и да бегаат од вистината. Признавањето на историската вистина нема да го промени нивниот современ идентитет – изјави Ковачев за телевизијата „БГ Он еар“.

Тој вели дека не е европска вредност да се бара да прифатат лаги и манипулации.

– Тие не може да ни кажат на нас дека има две вистини. Овде не станува збор за античка историја за која може да има различни толкувања, туку за нова историја за која има доволно извори и документи – истакнал Ковачев.

Тој истакнува дека Бугарија многу ѝ помогнала на Северна Македонија да стане членка на НАТО, како и дека без нивна помош немало да се случи и Преспанскиот договор нешто, што вели Ковачев, го признава и премиерот Зоран Заев.

– Ние сакаме да им помогнеме на нашите најблиски луѓе од РС Македонија да станат членки на ЕУ. Ние ќе и помогнеме на РС Македонија, без оглед кој е на власт. Важно е таа да ги преземе важните чекори. Не ја прифаќаме политиката на претходниот премиер Никола Груевски, кој започна процес на антиквизација и изгради многу споменици на бугарските херои, но ги претстави како борци против Бугарија. Не можеме да го прифатиме тоа. Заев направи вистински чекори што Груевски не ги презеде потпишувајќи ги двата договори со Бугарија и Грција. Сега се чини дека му недостига малку храброст за да го исполни Договорот со Бугарија –  смета е Ковачев.