Ковачев не е ризичен, но патуваше со ризични луѓе – одговори МНР за непропуштањето на европратеникот на Ново Село

Секој европратеник е добредојден во Македонија, но во групата со која патувал европратеникот Андреј Ковачев имало лица кои, според сознанија на Министерството за внатрешни работи (МВР), претставуваат ризик по јавниот ред и безбедност, е одговорот на Министерството за надворешни работи (МНР) за одлуката на граничниот премин „Ново Село“ во петокот да не биде дозволен влез на петмина државјани на Бугарија во земјава.

„Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, се вели во дописот на МНР.

Одлуката да не се пуштат петмината бугарски државјани, како што се нагласува во соопштението на МНР, била донесена согласно законот за странци, односно „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија“.

Претходно Ковачев во интервју за бугарската btv оцени дека Македонија ја преминала црвената линија – поради одлуката член на европскиот парламент да не биде пуштен во земја кандидат

Евро-пратеникот смета дека прво треба да се чуе официјалното образложениеод Скопје пред да се зборува за ново вето од страна на Бугарија, но и од ЕУ.

– Пред да заминам кон Македонија имав сосема коректен и пријателски разговор со Бујар Османи. Сакав да присуствувам на настан од нашата општа историја крај Ново Село, на бугарските воени гробишта – истакна Ковачев во интервјуто.

На границата не добил објаснување зошто е вратен и побара извинување. МВР пак соопшти дека групата од 5-мина во која бил и Ковачев не била пропуштена, откако биле исполнети условите за забрана за влез по Законот за странци.