Ковачевски-Борел: Поддршката на ЕУ продолжува и на политички и на економски план до полноправно членство во ЕУ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски го пречека потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, во пресрет на одржувањето на 30-тиот Министерски состанок на ОБСЕ е во Скопје.

На билатералниот состанок покрај премиерот Ковачевски и потпретседателот на ЕК, Борел, присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

На средбата се разговараше за актуелности поврзани со европските аспирации на Северна Македонија, за реформскиот напредок во клучните области и за политичките состојби во земјава.

Борел го поздрави успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Соговорниците разменија ставови дека претседавањето сериозно придонесе кон зајакнато позиционирање на земјава во меѓународни рамки како конструктивен актер за стабилност и соработка. Тој се заблагодари што земјава е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Воедно, ја поздрави непоколебливата поддршка што ѝ ја дава на Украина.

Двајцата соговорници разменија мислења за текот на пристапниот процес на нашата држава, како и за скрининг процесот, чиј извештај ќе биде поттик за интензивен ангажман, со цел да се забрза реформскиот процес за пристапување во ЕУ. Билатералниот скрининг е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока, истакна на средбата премиерот.

Борел истакна дека уставните измени се клучни за напредокот во ЕУ и апелираше дека истите што побрзо треба да се усвојат.

Ковачевски на средбата изрази благодарност за силната поддршка на ЕУ и верување дека со новиот План за раст за Западен Балкан, Унијата ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија. Тој истакна дека политиките на Владата се на линија на европската агенда и земјата има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес, со динамично темпо да влеземе во преговарачки процес и до 2030 година земјата да стане членка на ЕУ.

На средбата беа разменети ставови за Планот за раст на ЕУ, кој е од клучна важност за реформите на финансиските капацитети и економските капацитети на државите, но и јакнењето на институциите, на земјите од Западен Балкан. Ковачевски и Борел разговараа дека овој план ќе ја зголеми економијата и ќе и овозможи значи економско поврзување и присуство на единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, преку кој ЕУ стана трговска суперсила.