Kовачевски цени дека Собранието со докази треба да води постапка против Џафери, според процедури

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека постапката поврзана со снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието, Талат Џафери кој навредува и пцуе вработени, треба да се одвива во законодавниот дом, според понудени податоци, документи или докази.

„Мора да ја видиме и дисциплинската постапка и потоа да видиме како пратениците  ќе се однесуваат согласно со податоците и документите што таму ќе бидат презентирани“, рече во Ковачевски во одговор на новинарско прашање по посетата на ПЗУ Никоб Медикал и додаде дека дел од пратениците имаат иницијативи во таа насока и дека би се повикал прво на следење на процедурата, на етичкиот кодекс на однесување и следење на процедурите во Собранието.

„Собранието е посебна законодавна власт, Владата е посебна извршна власт и претседателот на Владата не може да биде тој што ќе спроведува процедура во однос на она што го има во Собранието. Се надевам дека таму, согласно сите наводи и докази кои ги споменавте, ќе биде испочитувана процедурата и дека соодветно ќе бидат донесени натамошни одлуки кои се во надлежност на Собранието, меѓутоа и други постапки“, рече Ковачевски.

Тој остана на ставот дека не сака да дава други коментари за снимката бидејќи, само се слуша глас и не се знае кој со кого или кому му зборува.

„Не може да се дава оценка за нешто каде што се слушаат гласови, јас не сум бил таму, така што најдобар одговор може да дадат тие кои биле во самата сала и кои нормално дека ќе бидат дел од постапката што ќе си се води во соодветната Комисија“, рече Ковачевски.