2.8 C
Skopje
сабота, декември 14, 2024

Ковачевски – Де Кро: Неопходно е брзо решение со Бугарија и старт на преговорите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се сретна со премиерот на Кралството Белгија Александар де Кро, во рамките на својата работна посета на Брисел.

На средбата во срдечна атмосфера, двајцата премиери изразија задоволство од блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Кралството Белгија, засновани на взаемна доверба и заедничка визија за слободна и демократска Европа.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека, покрај исклучителните билатерални врски, Белгија е важен партнер на Северна Македонија во НАТО и во другите мултилатерални меѓународни организации и силен поддржувач на нашата интеграција во ЕУ.

На средбата двајцата премиери ја потврдија согласноста дека е неопходно брзо изнаоѓање решение меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ како стратешка одлука за Брисел од аспект на безбедносните ризици предизвикани од војната во Украина.

На средбата Ковачевски и Де Кро изразија остра осуда за Руската воена агресија на Украина и ја оценија како сериозна закана за мирот и стабилноста на Европа.

Премиерот Ковачевски го покани белгискиот колега Александар Де Кро да ја посети Северна Македонија во рамки на претстојниот Преспа Форум и истакна дека тоа ќе биде дополнително зајакнување на позитивниот тренд за унапредување на политичкиот дијалог и поттик за посилна економска соработка.