Снабдување со лигнит и јаглен од рудниците во Грција во следниот период, снабдување со мазут, но и можност за грчка инвестиција со изградба на гасна централа до 200 мегавати е договорено на денешната средба во Атина изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски по средбата со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.
Тој изјави дека главна тема на денешните разговори со Мицотакис била енергетската криза и енергетската соработка во пресрет на тешката зима. Според него средбата поминала во позитивна клима, станало збор за конкретни договори се со цел да има успешно справување со последиците од енергетската криза и војната во Украина.
За конкретните договори за снабдување со лигнит, јаглен и мазут преку Грција, потенцираше дека доколку има било какво ограничување за Грција, тоа нема да влијае на нас.
Посочи дека Грција изразила желба за изградба на гасна централа до 200 мегавати во Северна Македонија, истакнувајќи дека ова би било голема и стратешка инвестиција.
Грчкиот премиер на средбата, како што рече Ковачевски, изразил задоволство што Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ и понудил грчка поддршка за процесот.