Ковачевски е новиот лидер на СДСМ

Димитар Ковачевски е новиот претседател на СДСМ откако убедливо победи на вонредните внатрепартиски избори, на кои гласале вкупно 44.406 членови на СДСМ.

Гласањето се одвиваше на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата, почнувајќи од 08:00 часот наутро, се до 19:00 часот попладне.

Покрај Ковачевски, за претседател на партијата се кандидираа и Фросина Ременски, поранешна пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ и Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата на ТИРЗ.

За кандидатот под број 1 Јован Деспотовски гласале 3319 сопартијци, Ременски освоила 2836 гласа, а Ковачевски 37649 гласа. Неважечки биле 602 ливчиња.

Зад Ковачевски застана досегашниот лидер и премиер Зоран Заев, како и најголем дел од партиското раководство.