Ковачевски е уверен дека власта ќе најде двотретинско мнозинство за уставни измени

Премиерот Димитар Ковачевски е уверен дека власта ќе најде двотретинско мнозинство за уставни измени, но и тоа да не биде случај, вели, владејачкото мнозинство е стабилно и не се потребни предвремени избори.

Според него патот до ЕУ бара многу реформи, а опозицијата мора да биде одговорна и вклучена во реформските закони.

-Двотретинското мнозинство за промена на Уставот и продолжување на европскиот пат на државата не е потребен за Владата и за Парламентот исклучиво. Тоа не е процес на една политичка партија, туку тоа е процес за сите политички партии застапени во Парламентот, што треба да обезбедат европска иднина на државата. Влада се бира со 61 пратеник, а двотретинско мнозинство се обезбедува со 80 пратеници. Одговорност на сите политички партии во државата е да го исполнат она што од 1991 година го има зададено нашата претходна генерација, практично независна македонска држава, членка на НАТО и на ЕУ, рече Ковачевски.

Дека уставните измени и реформите на патот кон ЕУ се тешки, но неопходни, согласни беа и поранешниот претседател на Европскиот Парламент, Мартин Шулц и поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Ан Линде. По вториот социо-еколошки форум кој се одржа во Скопје и двајцата ја повикаа македонската опозиција да биде конструктивна и да не го отежнува процесот за интеграција на Македонија во ЕУ.

-Мојот личен впечаток е дека опозицијата игра тактички за да го спречи она што сака да го прави Владата, но на национално ниво без разлика дали си владина или опозициска партија треба да се гледа државниот интерес во целина. А тој интерес е да се надминат пречките на патот за членство во ЕУ. Оттаму мислам дека партиите треба да бидат многу внимателни и да направат помирување помеѓу национални обврски и тактичките чекори во домашниот разговор меѓу владата и опозицијата, изјави Шулц.

-Навистина се надевам дека опозицијата ќе биде конструктивна, наместо да го отежнува патот на вашата земја да стане членка на ЕУ. Бидејќи нема пократок пат, треба да ги направите овие болни промени за да станете членка. Но како што кажав и на панелот, наградите се многу големи, па затоа е вредно, изјави Линде.

Доколку успешно завршат преговорите за влез на Алијанса во владата, владиното мнозинство би се зголемило на 72 пратеници, но и понатаму ќе недостигаат 8 пратеници за внесување на Бугарите во Уставот. Мицкоски викендов порача дека во овој парламентарен состав нема пратеници што би се отцепиле и би гласале „ЗА“, спротивно од ставот на партијата, па повика најдоцна до пролет да се одржат предвремени избори.