Законот за плати со кој ќе се регулираат и платите на функционерите и избраните лица е во изработка, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека во април годинава функционерите сами не си ги покачија платите, туку беа усогласени со одлуката на Уставниот суд.
-Од Одлуката на Уставен суд со која се зголемија платите на функционерите поминаа четири и пол месеци и законот е во фаза на изработка. Владата пристапи кон изработка на закон за плати кој ќе треба да ја регулира највисоката плата во државата и согласно со соодветни критериуми да ги регулира и другите плати. Се работи за исклучително комплексен закон за кој треба да бидат консултирани и оние кои не се дел од извршната власт, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на компанијата „Дата мастерс“ во Скопје.
-Платите на 44 членови на Влада, градоначалници, пратеници, судии, обвинители,… претходно беа замрзнати противуставно и противзаконски од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ за што тогашниот уставен суд никогаш не расправаше. Сегашниот расправаше и рече дека е противзаконско замрзнување на платите, бидејќи се дојде во ситуација министер за финансии и претседател на држава да има пониска плата од секретарка во АЕК или директор на јавно претпријатие, посочи Ковачевски.
Нагласи дека тоа го согледал уште пред одлуката на Уставниот суд и иницирал донесување на закон за плати, а мотив му бил фактот што забележал дека директорско место во јавно претпријатие или секретарско во регулаторна агенција има поголема плата од претседател на држава што според него е недозволиво.